Актуелно
Состојбата околу транспортниот центар во Гевгелија вратена во нормала
Хаосот кој синоќа беше создаден на просторот околу железничката и автобуската станица во Гевгелија, што го предизвика толпата мигранти која вчера во попладневните часови го проби полицискиот кордон на граничната линија, утрово не се забележува. Состојбата е вратена во рамки на нормала за вакви околности.
Синоќа голем број мигранти, од три до четири илјади, со организиран железнички и автобуски превоз до раните утрински часови се превезуваа до Табановце. Во превозот на мигрантите покрај таксистите од Гевгелија беа вклучени и такси возила и комбиња од целата држава со цел да се помогне во транспортот на мигрантите кон северната граница.
Од железничка станица информираа дека утрово во 5 чаот и 30 минути кон Табановце заминал воз со околу 500 мигранти. Следниот воз кон Табановце, кој од Гевгелија тргна со мало задоцнување околу 10 часот и 30 минути го чекаа уште 700 мигранти. Нов воз од Гевгелија за Табановце ќе има денеска во 17 часот. Во текот на вчерашниот ден со три редовни и две вонредни линии, по железнички пат до Табановце биле транспортирани околу 1.500 мигранти.



