Вести
Наскоро нов кружен тек во Автокоманда
Со поставување камен-темелник денеска во населбата Автокоманда почна изградбата на кружен тек, инвестиција на Град Скопје вредна 45 милиони денари.
На отпочнувањето на градежните работи присуствува премиерот Никола Груевски, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски. Премиерот Груевски истакна дека станува збор за уште еден проект во Градот Скопје кој е дел од низата сообраќајни решенија за регулирање и управување на сообраќајот во главниот град на Република Македонија.
– Локацијата на која се наоѓаме долги години наназад е крстосница на голем број граѓани кои живеат и работат во овој дел на Гази Баба. Тука се двете населби Железара и Автокоманда, тука поминуваат голем број граѓани кои одат за Чаир и Бутел. Во непосредна близина е средното училиште „Панче Арсовски“, спортскиот клуб Металург и повеќе фабрики во кругот на Железара. Сите овие фактори долги години наназад беа причина на оваа локација да се разминуваат многу граѓани, многу автомобили, тешки возила. Ако на сето ова се надоврзе фактот дека досега оваа крстосница не беше соодветно регулирана, сосема е јасно што е црна точка на која се случиле голем број сообраќајни несреќи барем еднаш во месецот или почесто. Денес ставаме камен-темелник на решението на овој голем проблем, рече премиерот Груевски.



