Втора меѓународна летна школа за право на бегалци и миграција
Центарот за право на бегалци и миграција при Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во партнерство со Претставништвото на УНХЦР во Северна Македонија и со Меѓународниот институт за хуманитарно право во Санремо, оваа година за вторпат организираа летна школа за права на бегалци и миграција. Летната школа за 2021 година беше посветена на темата: бегалци, миграција и „новото нормално“.
Летната школа претставува можност за студенти од сите три циклуси на студирање да се стекнат со знаење од областа на право на бегалци и миграција. Програмата, која опфати 12 предавања и дополнителни попладневни сесии организирани во 4 дена, е осмислена да им помогне на студентите да размислуваат критички за прашања врзани за правата на бегалците и миграцијата во интердисциплинарен и меѓународен контекст. Предавачите на оваа летна школа доаѓаат од целиот свет и универзитетски професори од областа на општественте науки, како и експерти и практичари од областа на правото за бегалци и миграцијата, но и пошироко.
Оваа година летната школа се спроведе преку онлајн платформа за комуникација. Во текот на отворениот повик за летната школа аплицираа над 202 студенти од 56 земји од светот. Од вкупниот број на апликанти можност да присуствуаат на летната школа добија 88 апликанти од 35 држави. Голема чест е што имаме студенти од целиот свет кои се заинтересирани и посветени на изучувањето на правата на бегалците и миграцијата.


