Вести
Стапија во сила итните мерки против аерозагадувањето
Од вчера стапија во сила итните мерки против загадувањето на воздухот кои произлегуваат од одлуката на 40. седница на Владата и од уредбата за намалување на граничните вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции, донесена на 42. седница, а се разгледува и можноста за интервентна набавка на опрема за лична заштита од загадениот воздух, маски со филтри за прочистување, како и на прочистувачи на воздухот за училиштата, здравствените центри и градинките, соопшти владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Со итните мерки се препорачува да се ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лица со хронична астма, лица со прележан инфракт или мозочен удар без разлика на возраста. Да се реорганизира работното време за оние кои работат на отворено од 11 до 17 часот, забрана за одржување спортски натпревари и други манифестации на отворено и обезбедување услови за зголемена активност на брзата помош, домашната помош и патронажната служба.
Општините се задолжуваат да ја намалат цената на билетот на градскиот превоз во периодот на неповолни климатски услови што би било поттик на граѓаните за користење на јавниот превоз, да овозможат бесплатен јавен превоз, зголемена фреквенција на автобусите на ЈСП, дневно да ги чистат улиците и пешачките површини, да ги зголемат инспекциските контроли на градилиштата, на ракувачите со отпадни масла и сервисите што работат на промена на масла, автошколите да ги реализираат обуките во период од 9:30 до 14:30 и по 18 часот, како и дотур на стока во забранети зони да се врши до 7:30 часот.



