Актуелно
Св. Архангел Гаврил – големиот Господов гласник
Гаврил значи „сила Божја“, поради што и неговото јавување на Благовештението има и симболично значење, укажува на силата на тој што ќе се роди од Пресвета Дева Марија, дека тој ќе биде силен, семоќен, односно дека тој ќе биде Бог Спасител.
Именден празнуваат: Гаврил, Габриела и др.
Светиот Архангел Гаврил е благовесник на зачнувањето на нашиот Бог Исус Христос, Синот Божји. Но, со архангел Гаврил се поврзуваат сите настани што имаат врска со Христовото вочовечување. Тој ја посети Богородица и ја извести дека дошло времето на воплотувањето на Логосот Божји, и дека таа ќе биде Неговата мајка. (види Лк. 1, 26-56) Неговиот спомен Светата православна црква го празнува следниот ден по Благовештение на Пресвета Богородица, односно на 8 април, според новиот (или на 26 март според стариот) календар. Празникот е наречен собор бидејќи тогаш во храмовите се собираат оние што веруваат во него. Заедно со Архангел Михаил тој е најпознатиот меѓу ангелите, оној што соопштил повеќе вести поради што е познат како гласоносец или како вестител.



