Актуелно
Отворена манифестацијата „Крушево – етноград“
Со поворка на комитите, Турците, чорбаџиите низ центарот на градот, синоќа свечено и пригодно во Крушево почна манифестацијата „Крушево – етноград“.
Поворката, од Домот на културата заврши меѓу крушевчани и љубопитните посетители на плоштадот во центарот на градот. Отворајќи ја манифестацијата, градоначалникот Ѓорѓи Дамчески нагласи дека пред седум години, кога почна да се одржува „Крушево – етноград“ се оствари една благородна идеја на вљубеникот во Крушево, Ранко Петровиќ – Бубамара.
– Се оставари еден сон. На една маса седнаа комитите, аскерот, чорбаџиите, сиромашните. Наместо топови – грмнаа тапани и зурли. Чаршијата е „сардисана“ од туристи. Крушевчани, облечени во народни и староградски носии го доловуваат духот на едно минато време. Време материјално посиромашно, но духовно многу побогато и исполнето со живост. Крушевскиот Етноград е манифестација со која Крушево стана препознатлив туристички бренд и неизбежен дел од туристичката понуда на нашата држава, рече на отворањето на манифестацијата Дамчески.



