Актуелно
Во изминатото деноноќие 14 сообраќајки, потешко повредени пешак и возач
Во текот на изминатите 24 часа на подрачјето на Град Скопје сообраќајната полиција извршила увид на вкупно 14 сообраќајни незгоди. Две лица се потешко повредени, пет полесно, а причинета е и материјална штета.
Потешко е повреден пешак во сообраќајна незгода што се случила околу 15 часот и 10 минути на ул. „Ангел Динев“ наспроти ОУ „Димо Хаџидимов“. Во незгодата учествувале автомобил „шевролет авио“ и пешак, кој се здобил со повреди и со возило на Брза помош бил пренесен во Ургентен центар каде му се констатирани тешки телесни повреди и бил задржан на натамошно лекување.
Возач се здобил со тешки телесни повреди во сообраќајната незгода што се случила во 21 часот и 20 минути на ул. „Борис Сарафов“. Во незгодата учествувале автомобил „фиат браво“ со скопски регистарски таблички, управувано од граѓанин на Скопје и автомобил „фолксваген голф“ со бугарски национални ознаки, управувано од граѓанин на Скопје. Со тешки телесни повреди се здобил возачот на „фиат бравото“, а со телесни повреди возачот на „фолксваген голфот“.



