Вести
Вонреден надзор во депонијата Дрисла, не е утврдена радијација
Државниот инспекторат за животна средина денеска извршил вонреден инспекциски надзор на депонијата за комунален отпад Дрисла. Утврдено е дека се почитува решението за неработење на инцелераторот (специјална печка за согорување медицински отпад) во денови кога има надминување на прагот на алармирање. Од 1 јанаури 2018 година до денеска инцелераторот не е во функција, а примениот медицински отпад се складира во контејнери.
Ова на денешната средба со медиумите го соопшти заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули. Тој соопшти дека во тек е набавка на воден филтер за постоечкиот инцелератор, кој ќе биде инсталиран во следниот период.
Од менаџментот е добиена информација дека сите потребни процедури и документи/дозволи за набавка на нов инцелератор се завршени и согласно склучениот договор се очекува опремата да пристигне до средината на април, а потоа во рок од 45 дена би се пристапило кон монтажа. Намената на инцелераторот би била освен согорување на медицинскиот отпад и производство на електрична енергија. Се очекува пробната работа да почне во текот на јуни годинава.



