Актуелно
Заев побара од Иванов повлекување на помилувањата и неотповиклива оставка
Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска испрати писмо до претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во кое бара од него веднаш да ги поништи одлуките за помилување од 12 април и да отвори пат за враќање на демократските процеси во земјата.
– Со Вашиот непромислен и послушнички акт да донесете одлука за општо помилување со кое се прекинуваат сите кривични постапки против политичари коишто се поврзани со политичката криза и аферата прислушување уште повеќе ја продлабочивте политичката и општествена криза која длабоко ја зафати нашата земја. Одлуките за помилување донесени на 12.04.2016 година претставуваат невиден преседан со кој нагрубо ги прекршивте Уставот и законите во Република Македонија, го погребавте Договорот од Пржино и ги рушите преспективите за враќање на правната држава, вели Заев во писмото.
Тие одлуки, додава Заев, се доказ дека Вие ја злоупотребивте својата функција и надлежностите како претседател на државата и им нанесовте сериозен удар и штета на евроатланските перспективи на Република Македонија.



