Актуелно
Заврши акцијата во Куманово: Терористите елиминирани и неутрализирани
Операцијата за разбивање на терористичката група во кумановската „Дива Населба“ е завршена. Групата која е стационирана во неколку објекти и претставуваше закана по безбедноста на граѓаните на Република Македонија е целосно неутрализирана и елиминирана, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи Иво Котески.
Станува збор, потенцира тој, за една од најопасните терористички групи кои беа закана за целиот регион и која изминативе години беше инволвирана во бројни напади, а нејзините членови беа предмет на меѓународни потерници за најтешки кривични дела.
Во првичните разговори со лицата кои се предале на полициските сили, за што вчера соопшти МВР, дел од нив посочиле дека групата започнала да влегува и да се утврдува во земјава на почетокот на месецов, подготвувајќи се кон средината на мај да отпочне со терористички напади кон цивилни и државни цели.



