Колумни
Изиграни играчки…
Апсолутно негирање на новата компјутерска технологија е бесмислено колку и опсесивното и некритичко прифаќање на истото. Уште полошо е кога состојбата преоѓа во болест, во патологија или зависност, кога сме во состојба на идентификување со компјутерите, кога околу нив се врти нашето секојдневие!
Ако не можете ни во тоалет без вашиот смарт телефон , загрижувачка е вашата потреба да не го испуштите од раце фетишот на вашиот живот.
Човекот не успева секогаш да ја искористи технологијата пред таа да го искористи и исцрпи, да не стане нејзин роб и да не се престори во компјутерски програм. Компјутерот ги програмира децата уште од најрана возраст ( а треба да е обратно ) ги ограничува нивните можности за снаоѓање во просторот и природата, еден компјутерски „наштелуван“ ученик тешко се снаоѓа со шестар во рацете, со четка и боја низ раце, со старите добри игри на „уличка“ , со книгите од над 300 страници!



