Петар Пан држава
Речиси три децении на недозреаност, разлетаност, на игри без граници. Се играме Недојдија , оди си – дојди си, летај си – мижи си.
Животот се живее во декади, секоја има своја децениска смисла и различни развојни емотивни фази. Но некој едноставно останува во детството и во својата трета- четврта деценија без да го прифати некомфорниот , одговорниот, често и монотон живот на возрасните.
Вечното момче (puer eternus) или вечното девојче (puella eterna) , споредувани со Дизниевиот лик Петар Пан, живее во Земјата Недојдија во која никој не сака да порасне, сите се играат, забавуваат, летаат… Неодговорноста да се соочиш со сериозноста и проблематиката на животот е алиби за потребата на ,,вечното дете” во нас. Вечната потреба за младост е неодговорност и кон себе. Синдромот на Петар Пан го имаат егоцентриците и хедонистите, секоја работа за нив е здодевна и напорна, врзувањето со некого трае додека немаат непријатности со него, а животот го гледаат како игра. Постојано бараат копче за стимулација на задоволствата, нивнито ,,внатрешно дете” симулира игри. Емоционално зрела личност само повремено го користи своето ,,внатрешно дете” и умее да се забавува и мечтае во одредени примерни ситуации.




