Вкупно 22 награди за вината на „Тиквеш“ на натпревари во Британија, Франција и Швајцарија
Дури 17 вина на „Тиквеш“ се наградени на годинешниот меѓународен вински натпревар – „International Wine Chalenge (IWC)”, кој по 36-ти пат се одржа во Лондон, В. Британија.
Поради ригорозната методологија за оценување на квалитетот на вината, овој натпревар меѓу познавачите важи за еден од најпрестижните светски вински натпревари. Годинава на IWC се натпревруваа вина од 40 земји, меѓу кои и вина кои потекнуваат од најпознатите светски вински региони. Панелот на вински судии задолжени за оценување на вината го сочинуваа дури 400 меѓунaродни експерти.
Во ваква жестока конкуренција, седум вина на ВВ„Тиквеш“ добија сребрени, а осум вина бронзени медали, додека две вина се посебно пофалени. Меѓу наградените се најдоа вина од сите сегменти на винското портфолио на „Тиквеш“, почнувајќи од линијата „Александрија“, преку вината од линијата „Special Selection“, па сѐ до врвните ‘тероар’ вина „Барово“, „Бела Вода“ и „Домен Лепово“, класифицирани во новата линија „Tikveš Chateaux & Domaines“.




