Создадени првите вибер стикери на македонски знаковен јазик
Со цел да се поедностави мрежната комуникација помеѓу младите со оштетен слух и говор, но и да се им доближи знаковниот јазик на сите други корисници на комуникациската мрежа Viber, учениците од државниот центар „Партенија Зографски“ учествуваа во изработка на стикери, кои се комбинација од македонски знаковен јазик и текст.
Во рамки на проектот ,,Одговорна иднина”, изминатиот период во училиштето „Партенија Зографски“ беа одржани повеќе работилници за графички дизајн под менторство на Јана Марковска од креативното студио „Do:More“, на кои учениците со оштетен слух и говор имаа можност да се запознаат со основните елементи и принципи на графичкиот дизајн.
Од хартија и молив, до практична работа на една од примарните програми за графички илустрации учениците ги создадоа своите први персонализирани стикери. Работилниците се реализираа со логистичка помош од педагогот и толкувач Викторија Волак. За изработка на стикерите е користена нова модернизирана дворачна знаковна азбука, изработена од Лазар Ѓиков, поранешен ученик во „Партенија Зографски“.





