„Со знаковен јазик, сите се вклучени!“ – одбележана меѓународната недела на глуви лица
Младинското здружение на глуви и наглуви „Млад знак” изминатата недела ја одбележуваше Меѓународната недела на глуви лица. Оваа иницијатива на Светската федерација на глуви се одбележува во последната недела од Септември секоја година, со цел да се подигне свеста за правата на глувите лица и да се признае употребата на знаковните јазици во сите аспекти од општествениот живот.
Како дел од активностите членовите на „Млад знак” со поддршка од Националниот сојуз на глуви и наглуви лица на Република С. Македонија одржа настан на кој пошироката јавност имаше можност да се запознае со дел од нивната култура и нивното основно средство за комуникација – македонскиот знаковен јазик.
Знаковниот јазик е природниот јазик на глувите лица, нивниот лингвистички идентитет и основно средство за комуникација. Повеќе од 200 различни знаковни јазици кои се користат во светот, се мајчин јазик на повеќе од 70 милиони глуви лица ширум светот. Знаковните јазици исто така се мајчин јазик на децата кои слушаат, а потекнуваат од семејство на глуви родители. Знаковните јазици се полноправни јазици и иако се структурно различни од говорните јазици, ги имаат истите јазични својства, па затоа заслужуваат да го добијат истото законско признавање и да добијат еднаков статус со говорните јазици. Само на тој начин владите ќе бидат обврзани да ги преземат соодветните чекори за да обезбедат услуги и пристап до знаковниот јазик.




