Запознајте се со процесот: Како се рециклира стаклото?
Одговорното постапување со отпадот од стакло кој го генерира вашето домаќинство или бизнис е секогаш процес кој бара одредено ниво на информираност за да се реализира правилно.
Рециклирање на стакло, или обработката на стакло, е процес на претворање на стаклениот отпад во употребливи производи. Тоа вклучува миење, дробење и топење на искористеното стакло пред да се обликува одново во форма на шишиња и тегли. Овој циклус може да се повторува бесконечно, без да се загуби квалитетот на крајниот производ. Но, што сѐ вклучува процесот на рециклирање на стаклото?
Околу 70% од целото амбалажно стакло во нашата земја кое влегува во продажба може да биде рециклирано, доколку заврши на соодветното место. А од исклучителна важност е да заврши во рециклажните погони, бидејќи во спротивно стаклото претставува само неупотреблив отпад кој се разложува многу тешко во природата (повеќе од илјада години за едно стаклено шише целосно да се разложи). За среќа, стаклото кое може да се рециклира не ги губи своите својства и може да се рециклира и реупотребува одново и одново. Важно е пред рециклирање да се отстрани целата керамика, бидејќи таа прави проблем при рециклирање. А порцелански садови да не се фрлаат во контејнери за стакло!





