„Животниот стил на мојот град“ – идејата од наши млади иноватори во финале на Европскиот форум Алпбах 2021
„Животниот стил на мојот град“, или оригинално на англиски: “MY CITY LIFESTYLE”, е идеја на млад тим составен од тројца иноватори од кои двајца македонци, Мирослав Драганов и Елена Новотни Симјановски од Скопје, како и еден србин, Немања Митровиќ од Белград.
Сите членови на тимот се поранешни стипендисти на Европскиот форум Алпбах во Австрија, кој има 76 годишна традиција почнувајќи од формирањето на Европската заедница за јаглен и челик непосредно по Втората светска војна. „Животниот стил на мојот град“ е директно поддржана во процесот на развивање од македонската софтверска компанија WIDNET Solutions.
Оваа нивна идеја, завчера, на свечената церемонија на далечина, беше избрана во топ 8 најиновативни идеи и прогласена лично од претседателот на Австрија, Александер Ван дер Белен, кој ги слушаше говорите на сите тимови. „Животниот стил на мојот град“ e избрана во најдобрите 2 идеи во категоријата „Урбана трансформација“, водена и поддржана од Erste Group (групација на банки чиј дел е и Шпаркасе Банка).



