Мобилни
„Епл“ го намалува производството на „ајФон“ за 10 отсто
„Епл“ побара од своите партнери на крајот од минатата година да го намалат производството на паметни телефони за 10 отсто од планираниот обем во првиот квартал од 2019 година, сопшти „Никеи“, повикувајќи се на информирани извори.
По втор пат во изминатите два месеци, „Епл“ ги прилагоди своите производни планови за новите модели на „ајФон“, потсетуваат аналитичарите на изданието. На 2 јануари, американската компанија ги предупреди инвеститорите дека нејзината заработка за четвртиот квартал од 2018 година ќе биде помала од очекуваната, а наместо планираните 89-93 милијарди долари, таа ќе изнесува 84 милијарди долари.
По влошувањето на прогнозата за кварталот за првпат по 16 години, „Епл“ испровоцира продажба на нејзините акции на берзите ширум светот. Според „Си-Ен-Би-Си“, во позадина на негативните вести, акциите на компанијата паднаа за речиси 10 отсто, што претставува најголем пад од 2013 година.




