Наука
ЛЕТНА ШКОЛА НА ФЕИТ: Учесниците програмираа „интелигентни“ функции за современите уреди
Програмирање на одредена „интелигентна“ функција беше предизвикот на кој работеа педесетина учесници на летната школа „Дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи“ на тема “Интернет на нештата“ (Internet of Things), која заврши денес на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
“Тема на школата се микрокомпјутерите во сите современи „паметни“ уреди – автомобили, авиони и други летала, апарати за домаќинство, мерни уреди, медицинска опрема, роботи, играчки… Улогата на овие микрокомпјутери е, пред сѐ, уредите да ги направат удобни за користење, но денес дополнително се очекува сите овие уреди (нешта) да бидат достапни од која било точка во светот преку Интернет. На овогодишната школа, учесниците преку предавања се запознаа со овие миркокомпјутери и сами, преку проектна задача, програмираа „интелигентна“ функција достапна преку Интернет“, изјави професор д-р. Јосиф Ќосев, раководител на летната школа „Дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи“.
Летната школа, која се оддржува по шести пат, ја организираа Институтот за електроника при ФЕИТ и компанијата СЕАВУС, од оваа година придружени и од компанијата Логинг Електроникс со спонзорство на микрокомпјутери RaspberryPi, за едната од трите групи посетители.





