ИСТРАЖУВАЊЕ НА ТЕЛЕКОМ: Само 28% од компаниите се дигитално зрели
За прв пат во Македонија, Македонски Телеком, во соработка со ИПСОС, иницираше истражување за дигиталната зрелост на малите и средни компании, коешто опфати репрезентативен примерок од 530 компании. Целта на истражувањето е да се види реалната слика, а податоците ќе се искористат да им се помогне на малите и средни бизниси успешно да се дигитализираат.
Анализата имаше за цел да испита колку македонските компании ги практикуваат дигиталните сегменти: онлајн комуникација, онлајн маркетинг, безбедносни услуги, доверливи услуги, користење на софтвер и серверски услуги и колку тие се свесни за нивната важност како услов за деловен развој. Еден од главните заклучоци од истражувањетое дека кај нас само 28% од компаниите имаат висок индекс на дигитализација.
Во земјава големите компании имаат многу повисок дигитален индекс (ниво на користење на дигитални услуги), што не е случај со малите и средни компании. Дури 37% од компаниите со 1-9 вработени не практикуваат дигитални алатки, 93% од нив не овозможуваат онлајн плаќања за своите корисници ниту пак користат онлајн заштита. Истражувањето покажа дека голем број компании од овој сегмент сѐ уште немаат своја веб-страница, профили на социјалните платформи, ниту пак се грижат за безбедноста на податоците.




