Мобилни
Вип и Оне официјално се спојуваат на 1 октомври
Вип оператор и Оне ја затворија трансакцијата за спојување на двата правни ентитетa во една компанија – оне.Вип ДОО Скопје, кој сега е предмет на регистрација во Централниот регистер на РМ. Затворањето на трансакцијата се случува откако, во јули оваа година, Комисијата за заштита на конкуренцијата на РМ го одобри спојувањето на двата телекомуникациски операторa.
Новоформираниот споен субјект оне.Вип официјално се очекува да биде регистриран на 1.10.2015. Од тој датум, новата компанија целосно ги презема сите права и обврски кои произлегуваат од досегашното работење на Вип и Оне, вклучувајќи ги и договорите кои корисниците ги имаат, а кои продолжуваат да важат под истите услови под коишто се склучени. Ова значи дека корисниците и понатаму ќе добиваат најдобри услуги, со највисок квалитет и непроменети цени, согласно тарифниот модел што го имаат избрано.
Сè до целосната интеграција на сите технички системи, што се очекува да заврши до крајот на 2016 година, новата компанија оне.Вип ќе продолжи да ги обезбедува услугите за корисниците преку постојните мрежи, тарифни портфолија и продажни места на Вип и на Оне.




