Сцена
Диригентот Виктор Митревски настапи во Операта во Малме
Македонскиот диригент Виктор Митревски, кој живее и работи во Виена, на 8 и 10 јануари, настапи како гостин диригент во Операта во Малме, Шведска во новата продукција на една од најизведуваните опери од Моцарт – „Така прават сите“ („Cosi fan tutte“). Претставата доживеа голем успех на сцената на операта во Малме, беше поздравена со овации од публиката и позитивни критички осврти во шведските медиуми.
Оваа поставка на „Така прават сите“ носи поднаслов „Училиште за љубовници“ и претставува модерна интерпретација на Моцартовото ремек-дело. Станува збор за хумористична и модерна интерпретација на операта од Моцарт чие дејствие се одвива на сосема неочекувана локација: „Икеа“. Во оваа верзија Алфонсо работи во „Икеа“, користејќи ја продавницата како сцена за својот клинички експеримент за трајноста на љубовта. Данската режисерка Катрин Видеман, која претходно ја постави оваа продукција во Осло, му даде современ и хумористичен контекст на ова класично оперско дело. Костимите и дизајнот на Маја Равн ја трансформираа „Икеа“ во перфектен подиум за истражување на љубовните врски, преку класичната битка на фразата „да се средат нештата“, без разлика дали станува збор за мебел и за љубов.
