Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Фестивал „Браќа Манаки“: Бруно Ганц и Алексеј Серебрјаков – добитници на Специјалната „Златна камера 300“

МК Сцена

Фестивал „Браќа Манаки“: Бруно Ганц и Алексеј Серебрјаков – добитници на Специјалната „Златна камера 300“

ИФФК „Браќа Манаки“  и официјалниот партнер „Вип оператор“ денеска одржаа прес-конференција на која ја објавија програмата за претстојното 36. издание на фестивалот, што ќе се одржи од 18 до 27 септември.

Богата програма во 13 целини и стотина филмови ќе може да проследи публиката во десетте дена од фестивалот. Со големо задоволство директорот на фестивалот, Димитар Николов, најави дека свеченото отворање на фестивалот ќе биде со светската премиера на македонскиот филм „Лазар“ на режисерот Светозар Ристовски.   

–  Една недела пред почетокот на фестивалот со задоволство можам да изјавам дека сме подготвени на публиката да и подариме уште едно издание во кое ќе може да ужива во добри филмови, голем број работилници и придружни активности. Морам да нагласам дека промоцијата на македонските филмови на најголемиот фестивал во земјава ни е чест и морална обврска. Секој голем фестивал широко ги отвора вратите за националните кинематографии, а „Браќа Манаки“ ја следи таа практика. Затоа, со голема радост најавувам дека и годинава на свеченото отворање на фестивалот публиката ќе ја почестиме со светска премиера на македонски филм. Станува збор за филмот „Лазар“ на режисерот Светозар Ристовски, кој по речиси 11 години ќе се претстави со нов филм. Дел од авторската и актерската екипа на филмот ќе бидат наши драги гости и се надеваме дека отворањето ќе биде настан за кој долго ќе се зборува – рече Николов.

На присутните им се обрати Дејан Димески, директор на фотографија на филмот „Лазар“.

– Ми причинува огромно задоволство што филмот „Лазар“ ќе го отвори фестивалот. За мене, како директор на фотографија, „Браќа Манаки“ претставува фестивал со кој сум созревал како автор, а истовремено сум ги учел тајните на големите мајстори на фотографијата, како од нашата држава така и од светот. Се надевам дека и во иднина овој фестивал ќе ги промовира македонските автори и филмови – рече Димески.

Директорот Николов ги соопшти и имињата на добитниците на Специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност.   

– Неизмерна чест ми е да ги најавам и добитниците на Специјалната „Златна камера 300“. Двајцата ја делат истата професија, припаѓаат на различни генерации и географски и творечки простори, но секој од нив е актерска пројава пред која публиката се поклонува зашто во секоја наредна улога се надминува себеси. Горди сме што гости во Битола ќе бидат легендата на европскиот филм Бруно Ганц и рускиот актер Алексеј Серебрјаков. Верувам дека не треба многу да образложувам зошто двајцата заслужуваат да влезат во Клубот на великаните на нашиот фестивал. Нашите селектори се погрижија подетаљно да ви ги претстават во материјалите што ќе ги добиете.

Селекторите на натпреварувачките програми ги објавија имињата на филмовите, како и нивните гости. За наградите „Златна камера 300“ ќе се натпреваруваат 13 играни филма, а за нивниот избор селекторот Благоја Куновски-Доре истакна дека годинава првпат бројот помеѓу филмовите од Европа и оние од другите континенти е видливо изедначен.  

– Од аспект на националното и државно потекло на кинематограферите, скорот е на страната на Европејците со седум претставници (Русин, Белгиец, Германец, Британец, Унгарец и двајца од Италија), а од другите континенти се шестмина (тројца од Азија: Кинез, Иранец и Јапонец; и по еден од Африка, Латинска Америка и од Австралија). Во однос, пак, на темите и содржините, составот е обратен шест филма од Европа, седум од другите континенти. За создавањето на 13. филма партнерски се вклучени 17 држави. Најбитно е што создавањето на филмовите и ангажманот на уметниците-кинематографери само ја потврдува флагрантната интернационална димензија на продукциската и уметничката соработка. Друга доследност во изборот беше да се негува континуитетот со проверените светски кинематографери и режисери, и оние што претходно имале свои филмови во натпреварувачкиот дел на „Браќа Манаки“ или се лауреати; а и паралелно, како и секогаш, да се откријат нови талентирани кинематографери. Третата специфика е жанровска и содржинско-тематска (современа или историска) разновидност – истакна Куновски.

Официјалната програма ја сочинуваат: „Сикарио“ (Вилнев/Дикенс), „600 милји“ (Рипштајн/Маркоен), „Убиец“ (Ху Хсиао-Хсиен/ Ли Пинг Бинг), „Црни души“ (Мунѕи/ Радовиќ), „Магбет“ (Курцел/Аркапо), „Синот на Саул“ (Немеш/Маќаш), „Викторија“ (Шипер/Гровлен), „Тимбукту“ (Сисако/Ел Фани), „Нашата мала сестра“ (Хироказу/Микија), „Нахид“ (Панахандех/Геиди), „Белите ноќи на поштарот“ (Кончаловски/Симонов), „Мојата мајка“ (Морети/Катинари) и „Земја и сенка“ (Гусман).

Веќе шеста година по ред, поддржано од официјалниот партнер „Вип“, дел од фестивалот е и Вип-детската програма во чии рамки ќе бидат прикажани повеќе детски филмови, меѓу кои ќе биде и светската премиера на филмот „Детето-фантом“ на Жан-Лу Фелисиоли и Алан Гањол. Годинава во рамките на Вип-детската програма ќе бидат организирани и работилници за 100 деца од Битола од страна на реномираниот интернационален детски филмски фестивал „Џифони Македонија“ во соработка со „Вип“.  

– На наше огромно задоволство, „Вип“ стои и зад овие десет дена врвна кинематографија, десет дена мотивирање на креативноста кај младите. И оваа година освен што ќе можат да уживаат во убавината на филмот, под мотото „Време е за филмска акција“, над 100 деца од Битола – одбрани средношколци со афинитети, талент и љубов кон седмата уметност – ќе можат да научат и да создадат магични филмски дела во рамките на проектот „Џифони патува“ на реномираниот интернационален детски филмски фестивал „Џифони Македонија“ – изјави Фросина Бошкова, одговорна за спонзорства во „Вип оператор“.

Првпат пред медиумската јавност за своите програми позборуваа и селекторите Дејан Трајкоски („Нов европски филм“) и Саша Станишиќ („СЕЕ Камера“). За изборот на документарната програма се погрижи Гена Теодосиевска, а за кратките филмови – Јованка Попова.

– Задачата на „Нов европски филм“ е да ги промовира дебитантските или вторите долгометражни филмови на режисери од Европа. Едноставно, авангардата, предводницата, секогаш ја носеле младите, а во поновиот период доказ за тоа се кинематографиите на Романија, Израел, Грузија итн., кои се наметнаа како водечки токму со филмовите на новите режисери. Токму затоа се надеваме дека фестивалот со оваа програма ќе даде силен влог во интернационалната афирмација на идните режисерски, како и на кинематограферските ѕвезди од Европа кои носат силен авторски печат. Горди сме што повеќето од филмовите во програмата ќе бидат регионални премиери. Два од нив доаѓаат во Битола веднаш по светските премиери во Венеција, како втор фестивал на кој ќе се прикажат, а дури потоа ќе бидат прикажани во Сан Себастијан и во Пусан, нешто што не е вообичаено за фестивалите од овој дел на светот. Дел од филмовите, пак, и покрај тоа што се дебитантски, однеле главни награди на фестивали како Трајбека, Санденс – рече Трајкоски.

Тричлено интернационално жири ќе ја вреднува уметничката креација на тандемот режисер-кинематографер и ќе го награди со „Бона Деа“ – истакна тој.

– Жирито е составено од врвната турска актерка Хатиџе Аслан, главна женска улога во антологискиот „Три мајмуни“ од Нури Билге Џејлан, Јарив Хоровиц, еден од најпознатите режисери од Израел и претседател на Здружението на ТВ и филмските режисери на Израел и познатиот филмски критичар од Србија, Владан Петковиќ, долгогодишен постојан дописник на „Скрин дејли“ и „Синеуропа“ – додаде Трајкоски.


Фактот дека филмовите од регионот на Југоисточна Европа секогаш будат голем интерес и освојуваат награди на големите фестивали ја наметна потребата од постоењето на селекцијата „СЕЕ камера“.

– Избрав осум силни филмски приказни што ќе се борат за наградата „Златен Манаки за најдобар филм и за најдобра камера. Тоа се филмови на веќе етаблирани автори, но и на автори за кои допрва ќе се чуе. Селекцијата е стилски и тематски разновидна, што ја отсликува и шареноликоста на кинематографиите од регионот. Ќе се доделува и наградата „СЕЕ камера“ на филмски автори кои имаат особен придонес во филмската уметност на Балканот. Чест ни е што прв добитник на наградата е Божидар-Бота Николиќ, еден од најголемите филмски автори од овие простори со импозантен опус од над 40 играни филма, еден од најплодните филмски автори пошироко – рече Станишиќ.

Членови на жирито на оваа програма ќе бидат: Маја Богоевиќ, филмски теоретичар и критичар, Диомидас Никитас, продуцент и Мирослав Момчиловиќ, режисер.

Претседателот на Друштвото на филмските работници на Македонија, Роберт Насков, истакна дека Управниот одбор на Друштвото му ја доделува наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на Дарко Марковиќ, режисер на анимирани филмови, карикатурист, сатиричар, илустратор, стрип-цртач, дизајнер, архитект.
– Сметаме дека анимираниот филм е исклучително важен сегмент од македонската филмска историја, а годинашниот добитник е предводник на прославената школа за анимиран филм на „Вардар филм“, која е наградувана со врвни светски награди и признанија. Доделувајќи му ја оваа награда на Дарко Марковиќ, му оддаваме признание на жанрот по кој во еден период беше препознатлива македонската кинематографија – рече Насков.

Присутните ги поздрави и директорот на Агенцијата за филм, Дарко Башески, кој истакна дека од годинава финансиската поддршка за најстариот македонски фестивал е зголемена за 14 отсто, во споредба со лани, откако годинава Агенцијата го презеде финансирањето на филмските фестивали.
– Процентуално, многу се поголеми амбициите на новиот директор Димитар Николов за проширување на фестивалот. Со проширување на времетраењето на фестивалот од десет дена, со дополнителни програми и нови локации за прикажување филмови, многу работилници и филмска програма за најмладите, очекувам дека нашиот фестивал ќе има нов голем раст, на радост и на филмаџиите и на публиката. Како и минатите години, така и овој пат Агенцијата за филм ќе биде партнер во организацијата на работилницата за развој на сценарија „Манаки скрипт лаб“, што ја правиме заедно со „Торино филм лаб“. Најновите филмови од македонската продукција ќе ги презентираме во програмата „Мак поинт“, а програмата за најмладите што се реализира во соработка со „Вип оператор“ ја збогатуваме со програма од проектот „Џифони патува“ – истакна Башески.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од МК Сцена

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.