МК Сцена
Голем концерт на Дуке Бојаџиев и пријателите во Метрополис арена
Авалон продукција со огромно задоволство го најавува својот прв голем проект за 2016-та година- концертот на нашиот композитор, пијанист и продуцент со светско реноме, Дуке Бојаџиев, насловен „Дуке и пријателите“, кој ќе се одржи на 20 февруари во арената „Метрополис“.
На својот најголем концерт во досегашната кариера, Дуке ќе настапи заедно со неговите пријатели и соработници: најголемата македонска ѕвезда Каролина Гочева, легендарниот актер Никола Ристановски, светски познатиот кларинетист Исмаил Лумановски, нашата реномирана пејачка Тања Царовска и перкусионистот Матијас Кунзли – сите придружувани од камерен оркестар.
Ова ќе биде прв концерт на Дуке Бојаџиев после успешното претставување во престижната концертна сала „Карнеги хол“ во Њујорк, каде настапи со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, а на кој специјална гостинка беше Каролина.




