Настани
Распродаден првиот, закажан втор концерт на Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски во Филхармонија!
Најавата на големиот заеднички концерт на тројцата врвни македонски музички уметници Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски, беше пресретната со огромен интерес од публиката, кој придонесе за неверојатно кратко време концертот да биде прогласен за распродаден! Барањата за влезници сѐ уште не стивнуваат, а благодарение на тоа, закажан е втор концерт, кој ќе се одржи само еден ден по првиот, односно на 17 февруари со почеток во 19:30 часот во Филхармонија.
Влезниците за вториот концерт се веќе достапни во продажба, а деталите за продажните места и онлајн купувањето се објавени на сајтот на МкТикетс.
Во оваа прилика, нашите вонсериски музичари со долгогодишна кариера на интернационалната сцена, Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски, по девет години пауза, повторно ќе настапат заедно на сцената на македонската Филхармонија. На програмата ќе бидат авторски композиции и преработки на македонска изворна музика, во едно ново уникатно издание, со интимен карактер и модерна аранжманска структура и изведба.





