Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

ИГОР КУЗЕВСКИ: Се чувствувам посигурно кога купувам онлајн

ФОТО: МИА

Интервју

ИГОР КУЗЕВСКИ: Се чувствувам посигурно кога купувам онлајн

Компаниите, како контролори на лични податоци, но и граѓаните како субјекти чии лични податоци се обработуваат, повеќе од кога било ги користат придобивките од електронските услуги, објаснува Игор Кузевски, заменик директор во Агенцијата за заштита на личните податоци.

Тој истакнува дека бенефитите на новиот Закон за лични податоци, а и придобивките од него е да се утврди фактот дека е масовна обработката на личните податоци во електронски формат и да ги постави „правилата на игра“, со што ќе се обезбеди и минимизирање на ризикот од злоупотреба на податоците.

Кузевски нагласува дека Законот за заштита на личните податоци не ја забранува употребата на личните податоци, туку ја забранува злоупотребата и тука треба да се прави разликата, односно употребата наспроти злоупотребата на личните податоци.

Тој ќе биде и еден од говорниците на 4. Годишна конференција за е-трговија која ќе се одржи на 12 ноември каде ќе зборува за „триаголникот“ на доверба, технологија и регулатива и нивната поврзаност во е-трговијата и онлајн плаќањата.

Кон крајот на август стапи на сила новиот Закон за заштита на личните податоци. Може ли генерално да се каже кои се суштинските придобивки за граѓаните според новото законско решение и дали Агенцијата за заштита на лични податоци ја зајакна својата улога преку законските норми за да биде во целосна функција на заштита на граѓаните и нивните права?

– Да, во право сте. Придобивките од Законот се големи и главно, може да ги поделиме на две групи. Во првата е нашето услогласување како држава со правото на ЕУ во оваа област, што практично создава правни претпоставки за нормална комуникација на информациите кои во себе содржат лични податоци помеѓу земјите членки на ЕУ од една и Северна Македонија од друга страна. Тоа што е веројатно поважно, е дека за граѓаните се практично создадени сите правни претпоставки за целосна заштита на правото на приватност и заштитата на личните податоци во контекст на „новото време“ каде што сè повеќе и сè помасовно се врши автоматска (електронска) обработка на личните податоци vis-à-vis традиционалниот начин на обработка во „хартиена форма“. Имено, наштите анализи покажуваат дека како компаниите, како контролори на лични податоци, така и граѓаните како субјекти чии лични податоци се обработуваат, повеќе од кога било ги користат придобивките од електронските услуги. Улогата на новиот закон, а следствено и придобивките од него е да го „признае“ овој факт на масовна обработка на личните податоци во електронски формат и да ги постави „правилата на игра“ во однос на електронската обработка на личните податоци со што ако правилно се разбере и примени, ќе обезбеди минимизирање на ризикот од злоупотреба на податоците, а едновремено олеснување на употребата на личните податоци со примена на најсовремените технолошки достигнувања кои ќе обезбедат ефикасна заштита на личните податоци при нивната обработка. Токму тука се зајакнува улогата на Агенцијата, пред сè, преку промоција на овие најнови технолошки достигнувања и инсистирање на нивно почитување, а со единствена цел за заштита на личните податоци при нивната обработка.

За пошироката јавност објаснете, која е улогата на офицерите за заштита на личните податоци?

– Офицерот за заштита на личните податоци не е новина во македонскиот правен систем. Офицерот за првпат се воведува уште во 2010 година и Агенцијата може слободно да се пофали дека за разлика од многу земји во Европа, вклучувајќи и земји членки на Европската Унија има веќе десетгодишно искуство во овој дел. За разлика од порано, сега, со новиот Закон за заштита на личните податоци, значително се зајакнува улогата на офицерот. Во суштина, улогата на офицерот е тројна. Тој претставува контакт точка на Агенцијата за заштита на личните податоци во однос на прашањата поврзани со обработката на личните податоци, потоа главна алка за раководството на контролорот или обработувачот и вработените кои вршат обработка на личните податоци во однос на нивните обврски согласно Законот за заштита на личните податоци и трето, но не помалку важно, е што тој претставува контакт за граѓаните како субјекти на личните податоци. Имено, ние во Агенцијата секогаш се држиме до следната реченица: „Ако сакаш да му се обратиш на контролорот, побарај го офицерот“. Ова практично значи дека офицерот има централна улога во рамките на контролорот кога станува збор за личните податоци, иако мора да нагласам дека одговорноста секогаш останува на котролорот, а не на офицерот.

ФОТО: МИА

Сè уште е премногу рано да се зборува за директните бенефити за граѓаните од новите законски норми, но веројатно во текот на секојдневното работење имате увид во тоа дали се менува, односно дали се зајакнува свесноста на граѓаните за важноста на личните податоци?

– Да, тоа е очигледно. Имено, ако направиме анализа на видот на обраќањата кон нас кои ги доставуваат граѓаните, тие сè повеќе се суштински и сè повеќе се однесуваат на електронската обработка на личните податоци. Сепак, треба да се нагласи дека има и граѓани кои свесни за „тежината“ на новиот Закон за заштита на личните податоци преку поднесување на барање за заштита на личните податоци се обидуваат да одбегнат други должности и одговорности како граѓани. Затоа, треба да нагласиме дека Законот за заштита на личните податоци не ја забранува употребата на личните податоци, туку напротив ја олеснува, но тој (законот) ја забранува злоупотребата и тука треба да се прави разликата, односно употребата vs. злоупотребата на личните податоци.

Имате ли често пријавувања дека се кршат правата на граѓаните во тие рамки и во која сфера најмногу е присутна повредата?

– Како што веќе споменав, има тренд на зголемување на барањата во однос на автоматската (електронска) обработка на личните податоци, што само го потврдува фактот дека активностите на граѓаните „мигрираат“ од физичкиот кон дигиталниот начин на обработка на личните податоци.

Како тече имплементацијата на новиот Законот за заштита на личните податоци кај правните лица?

– Како и сè во животот, веројатно секој почеток пред да се случи изгледа како невозможен и исклучително тежок, а откако ќе се случи, се разбира дека сето тоа било логично дека ќе се случи. Така и со Законот за заштита на личните податоци. Пред непосредното започнување со примената на Законот во август годинава имаше големи дилеми, па дури и стравови кај правните лица – контролори или обработувачи, за, откако започна примената, да се разбере дека всушност примената на решенијата од Законот е за доброто на сите, а дека Законот бил само повод, но вистинската причина сме самите ние и како субјекти на лични податоци и како лица вработени или управители на правни лица кои се контролори на лични податоци. Агенцијата и понатаму ќе биде партнер во овој процес и ќе настојува на сите кои сакаат да им помогне во новното услогласување во работењето со Законот за заштита на личните податоци.

Секојдневно се појавуваат новите предизвици во однос на основните човекови права и слободи, директно на правото на приватност и заштитата на личните податоци, кои произлегуваат од зголемената употреба на новите информатички технологии. Каде конкретно е тука заштитата?

– Нема доволно голема заштита која ќе нè заштити од човековата наивност или неинформираност. Затоа, без оглед на сите технички мерки кои ќе се применат во насока да ги минимизираат ризиците од злоупотреба на личните податоци, мора да се работи и на подигнување на свеста на сите, особено кога станува збор за употребата на новите информатички технологии. Свесна за ова, Агенцијата во текот на оваа 2021 година и покрај ковид-пандемијата интензивно работи на подигнувањето на свеста. Имено, речиси секоја среда се оддржуваат обуки за заштита на личните податоци, а воедно на веб-страницата на Агенцијата се објавуваат и насоки, водичи и и-тутори со кои се споделуваат инфомации, знаења и вештини во однос на тоа што е, а што не е дозволено, и особено како да се заштитиме себеси како субјект на личните податоци.

ФОТО: АРХИВА

Дали во Македонија е сигурно да се купува онлајн, дали имало случај на „протекување“ на лични податоци? На ова како панелист ќе зборувате на четвртата годишна конференција за е-трговија, па оттука, дали е сигурно да пазариме онлајн? Дали вие се чувствувате сигурно кога пазарувате онлајн, особено на македонските е-продавници?

– Јас лично, да. Се чувствувам многу посигурно „онлајн“ отколку „офлајн“. Се разбира како надоврзување на претходното прашање важна е свеста. Притоа, кога велам дека се чувствувам посигурно секогаш поаѓам од фактот дека 100 отсто сигурно во животот ништо и никогаш нема. Важно е, со своето поведение да настојуваме колку можеме повеќе да го минимизираме ризикот од тоа да се доведеме себеси во состојба да бидеме жртва, иако ќе повторам ништо не е апсолутно сигурно.

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, како единствена организација која се залага за раст и развој на е-трговијата во нашата земја, е навистина актуелна со своите проекти, особено во темите за заштита на купувачитемеѓу кои и онлајн безбедноста и заштитата на личните податоци. Може ли да ни кажете како АЗЛП се вклучува во овие активности и каква е соработката помеѓу вашата агенција и АЕТМ?

– Агенцијата секогаш ќе соработува со сите кои со своите постапки настојуваат да бидат промотор на правото на приватност и заштитата на личните податоци. Таков е несомнено случајот со Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Со АЕТМ веќе одржуваме заеднички настани на кои се говори за обврските и задачите кои сите е-трговци треба да ги преземат кога обработуваат лични податоци, но со АЕТМ заеднички работиме и на подигнувањето на свеста на оние чии податоци се обработуваат тогаш кога користат е-услуги, односно субјектите на личните податоци, а претстојната годишна конференција за е-трговија несомнено го потврдува тоа.

Повеќе од Интервју

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.