Миодраг Радоњиќ: Жените ќе флертуваа со мене и да не бев глумец
„Кога пред три години го промовиравме првиот дел на ‘Јужен ветер’ немавме никакви очекувања. Приказната тука требаше да заврши. Не ни помислувавме дека од филмот ќе произлезе серија, па втор дел, а наскоро ќе снимаме и втора сезона од серијата“, вели глумецот Миодраг Радоњиќ кој го игра популарниот Баќа од хитот „Јужен ветер“, во интервјуто кое пред скопската премиера го сними за „Репортер“.
Познатиот српски глумец дојде во Скопје за да го промовира филмот „Забрзување“, кој во првите неколку дена го гледале преку 400.000 луѓе. Пред „Синеплекс“ го пречекаа стотина фанови кои сакаа да се сликаат со него. Миодраг вели дека ужива во дружењето со публиката, иако изморен, оти повеќе од две недели секоја вечер е во различен град. По белградската премиера, „Јужен ветер“ имаше премиери во сите поголеми градови во регионот.
Радониќ со многу жар зборува за филмот, но и за ликот на Баќа, сирак кој завршил во белградското подземје. Иако овој лик го направи популарен на целиот Балкан, Миодраг вели дека со Баќа немаат скоро ништо заедничко.



