Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Што ни значи 8 Март и зошто овој датум е важен?

Интервју

Што ни значи 8 Март и зошто овој датум е важен?

Меѓународниот ден на жената, или популарно наречен „Осми март“ е празник за економските, политичките и општествените достигнувања на жената. Овој празник настанал како производ на борбата за економска, политичка и социјална рамноправност на жените и мажите.

Можеби, со текот на годините, славењето на овој празник се сведе само на купување подароци или цвеќиња, така што вистинската причина зошто 8 Март е ден на жената е малку заборавена.

8 Mарт не е ретро, тој е класика: симбол на борбата за елементарна рамноправност на мажите и жените, за правото на глас и правото на достоинствена работа. 

Oвој датум е важен затоа што е еден вид проверка на реалноста.

Татјана Гуржанова, гинеколог

Честит ден на што? Нееднаквоста? Предрасудите? Неправдата? Домашното насилство, стереотипите? Што тоа што ние честитаме додека бројките кои ја квантифицираат реалноста велат дека светот е поделен 70:30 во полза на мажите и дека ќе ни требаат уште 100 години за надминување на половиот јаз. 

Во време кога сѐ уште кажувате и се смеете на вицови за жени – возачи, келнерки, секс-симболи, секретарки… 

Во време кога сѐ уште ги труеме младите девојчиња со токсични вредности за наметнат идеал за среќа – наоѓање маж и болни перцепции за убавина, кога сѐ уште жените во некои земји немаат право на глас дури ни право на образование, кога 90 отсто од домашното насилство е врз жената, кога е „нормално“ да ни довикуваат и свиркаат по улица додека останатите молчите и со тоа го одобрувате омаловажувањето, додека жени служат кафе „силни“ мажи – директори кои имаат право да им се обратат понижувачки,

Немаме што да славиме и честитаме.

Во ниту една земја на светот не е постигнат родов баланс. Сѐ додека постои нееднаквост ова е сечиј проблем, на секој човек.

Викторија Лоба, пејачка

8 Март го сметам за исклучително важен ден за сите жени.

Нема дилема дека треба да им се честита на жените  но сепак, да се задржи контекстот и суштината. Зошто овој празник вистински настанал и опстојува долго време, но сѐ помалку во форма и за цел за која тој се оформил, посебно во изминатава деценија е навистина прашање што треба сите да си го одговориме.

„Честит ден на правата на жените“, „Ден на солидарноста на жените“… која било од вие формулации е повистинита и подобра, отколку „Срекен 8 Март, остани мила и убава каква што си“. 

Клара Цеткин не се борела за убавината и останатите епитети на жените, таа се борела за рамноправност на жените со мажите во општеството, економијата и политиката.

Да не ја разочаруваме и да го одбележиме 8 Март, без сексизам. Многу е важно, секое девојче, девојка, жена да знае, памти и верува во тоа дека сите денешни достигнувања се плод на борба на жените на минатите генерации. Доколку не би била таа борба денес ние не би можеле да носиме фармерки, да учиме на факултети, користиме компјутер, имаме сметки во банките, заработуваме пари и да ги реализираме своите креативни и професионални амбиции. Убаво е на овој ден да ја искажеме поддршката и солидарноста кон другите жени. Можете искрено да ѝ честитате на својата мајка, да подарите цвеќе на другите жени, а некој може да учествува во некој проект кој ја зајакнува позицијата на жените во нашето општество. 

Моја искрена желба на овој празник е да не постои насилство врз жените и девојчињата, сакам тие да се чувствуваат безбедни и поддржани во секоја смисла. Значењето на 8 Март не е да се оди против мажите, туку заедно со нив, рамо до рамо во потполна хармонија.

Даница Стојанова, пијанистка

Како дете родена во 20 век, нетрпеливо го чекав денот 8 Март за да го однесам најубавиот и најголемиот букет од каранфили набрани од градината на мојата мајка Галаба, на мојата учителка, а истовремено таа го чекаше тој природен подарок со многу радост и љубов во очите. Таа слика и тој момент на среќа останаа во мојата меморија и оттогаш за мене 8 Март е ден на цвеќето. 

Покасно во 21 век, кога јас станав учителка, децата доаѓаа со подароци и јас упорно со години ги одвраќав од таа идеја посочувајќи им дека секој ден треба да е ден исполнет со љубов, почит кон жената како мајка, сопруга, баба, пријателка, учителка, докторка, а не само овој ден 8 Март да е одбележан како ден на жената! 

Со тој став како да се борев за некои посебни права на жената во социјалното општество, знаејќи ги насилствата и неправдите кон жената како послаб родов пол. Оттогаш, многу работи се променија на добро посебно во родовата политика и права на жената . 

Денес 8 Март повторно за мене е ден на цвеќето кое како енергија, музика, мирис и уметност од природата е најблиско до жената и секоја треба да го слави со свој придонес во општество. 

Јас не ги сакам собирањата во кафеани со многу турбо лесна музика и сличен собир на жени кои го одбележуваат овој прекрасен ден наспроти организирањето и одржувањето на концерти, модни ревии, едукативни предавања, хуманитарни акции за подигање на свеста, за помагање на старите изнемоштени лица, повеќе емпатија кон животните, борба против секое зло и болест која може да ги повреди нашите деца. 

Да го славиме празникот на начин кој со придонес ќе бидеме пример за Убавината на жената.

Среќен 8 Март убави, храбри жени!

Катерина Шехтанска, актерка

По повод празникот 8 Март, сметам дека е во ред да се оддаде почит на сите жени токму на овој ден. Но, не само денеска, на 8 март, а што е со останатите 364 дена? Дали тие денови треба да се занемари женскиот род?

Сега во ерата на женската доминација, самостојност и самодоверба сметам дека вистинската жена не страда од лажно внимание само еден ден во годината. Освестената жена знае дека сѐ што се прави во животот е подеднакво со машкиот род (освен процесот на раѓањето, за кој не се способни), но сѐ друго е подеднакво важно и од машка и од женска страна затоа еден ден извикано внимание нека им биде.

Вистинското внимание, нежност, вреднување, почит од страна на мажот е доколку биде МАЖ во текот на целиот свој живот (од освестувањето на својата машкост) и да биде предаден комплетно во извршувањето подеднакво на сите обврски без оглед дали се помалку или повеке женски, без да смета дека помага туку дека тоа е обврска околу домот исто колку што е и на жената .Да ја сака и почитува својата сопруга, партнерка, мајка, ќерка, пријателка, колешка без да ја навредува, да не се чуствува подоминантен поради нивото на тестостерон и поради тоа да смета дека е повреден од секое женско битие кое може да издржи далеку поголема и болка и товар од самите мажи.

Колку ли само ќе бидам погрешно разбрана не знам сѐ уште, но од вистинските мажи НЕ, затоа што секој маж како и секоја жена си го знае своето место под ова небо. За мене вистински маж е оној кој секојдневно знае кон својата избраничка, па и кон сите припаднички на женскиот род да се однесува внимателно .На саканата секојдневно да ѝ покажува со дела, а помалку со зборови колку му значи зошто ситните работи ги прават најголемите дела.

И за крај,денот како ден нека биде одбележан без некаква помпа, затоа што сепак на некои жени потребно им е тоа внимание, зошто да не.

Кај мене не проаѓа тоа, за жал. Кај мене важи паролата: СЕКОГАШ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАТ, А НЕ ШТО ЗБОРУВААТ, па макар тоа било и слаткоречивост еден ден во годината. Затоа, внимавајте, не се жените сепак толку за потценување колку што вие мислите дека можете да ги изиграте… затоа што се далеку поитри отколку што можете да очекувате.

Среќен 8 Март! Ако се чувствувате само така специјално, ако не, среќен нека ви е и исполнет секој ден од вашиот живот, затоа што сте посебни, помудри, поиздржливи и можете сѐ!

Татјана Алексиќ, професор

Ден по осмомартовската еуфорија…Празни маси и чаши, празни цвеќарници и продавници, празни паричници…Што после испиените голтки, дегустираните залаци, распакуваните амбалажи, отпатуваните дестинации, одиграните игри без граници… Одеднаш, толку многу внимание еден суптилен стомак тешко вари!

Повод за текстов е по повод 8 Март, празник за кој ама ич немам инспирација да пишувам, нo вдахновението го пронајдов во стиховите на стариот добар и неповторлив монмартовец , Жак Превер кој вели вака:

„Кој ден сме денеска? Ние сме сите денови пријателке моја. Ние сме целиот живот љубов моја. Ние се сакаме и ние живееме, и не знаеме што е тоа ден, и не знаеме што е тоа живот, и не знаеме што е тоа љубов.“

Стиховите на Превер излегле од неговата поетска и боемска душа кога сопругата тажно го погледнала мислејќи дека заборавил да и го честита празникот. Да, немал никаков подарок во рацете, но во истиот момент и ги подарил стиховите и себе си со очи полни љубов.

Тоа е ТОА што ни треба во реалноста, после тоа, ден потоа… По празничната еуфорија, која мажите ја слават по кафеани во име на жените, ни треба поглед полн со љубов во текот на целиот месец март, во текот на останатите месеци, години, времиња. Љубовта во погледот кажува повеќе од сите глаголувања, покажува повеќе од сите дејствувања, погледот е онаа мала искра на возбуда повозбудлива од сиот хедонизам на светов.

Погледот полн со љубов е гласна тишина која те тера да вреснеш од задоволство како во оргазмичен транс. Ете толку и треба на една сензибилна жена, толку малку, а толку тешко за одржување. Љубовта во погледот е луксуз во овој материјален свет кога с,е може да се купи, поткупи и продаде како инстант купопродажен договор на дело!

Посветено на сите сензибилни жени!

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Интервју

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.