Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

ЗОО СКОПЈЕ: Луѓето со бизарни желби – ни бараат кожа од крокодил за да си направат кондури!

Интервју

ЗОО СКОПЈЕ: Луѓето со бизарни желби – ни бараат кожа од крокодил за да си направат кондури!

ЗОО СКОПЈЕ: Луѓето со бизарни желби – ни бараат кожа од крокодил за да си направат кондури!

Зоолошката градина во Скопје е една од најголемите атракции, како за скопјани, така и за сите жители на Македонија. Секој ден, особено за викенд, барем пред пандемијата на коронавирусот, од секој дел на нашата земја, „реки“ народ се слеваа кон Скопје ЗОО.

Таму, животот како да влегува во некоја друга димензија – како на филм. Разновидните животни, тематските забави, амбиентот, опкружувањето, вработените и протоколот на самата ЗОО, им овозможуваат незаборавно доживување и авантури како на децата, така и на возрасните.

ЗОО Скопје во изминативе години претрпе низа позитивни промени. Во интервјуто за „Популарно.мк“, директорот на скопската Зоолошка градина Ѓорѓи Галетановски и Тина Мицковска, која работи на позицијата за односи со јавност, раскажуваат за новитетите и изненадувањата што ги очекуваат посетителите на Зоолошката градина, за грижата околу животните, необичните барања на посетителите, кодексот на однесување, со единствена цел – заштитата и безбедност на животните, и на посетителите.

Дали и во време на ковид-кризата Зоолошката градина Скопје работи 365 дена во годината? Наидувате ли на проблеми со посетителите и во што се состои кодексот за нивно однесување кој е пропишан од Скопје ЗОО и кој и на 14 март го „повторивте“ заедно со Одделението за превенција при Секторот за внатрешни работи- Скопје, во рамки на едукативната кампања „Остани безбеден?

Тина: Од мај 2020 работиме постојано, инаку Скопје ЗОО отсекогаш работела 365 дена во годината. Но, сепак, повторно секојдневно добиваме прашања дали работиме за празник или во недела (хахаха) И покрај пандемијата, успеваме да најдеме начин да организираме едукативни настани за посетителите, а тие најмногу се однесуваат, пред сѐ, на кодексот на однесување во градината. Најважно е тоа што хранењето и вознемирувањето на животните е најстрого забрането. Пробуваме на секаков начин да обезбедиме мир и благосостојба за нив, а најголем проблем е што многу несовесни посетители не го почитуваат ова, па тоа за жал, е одраз на целокупното воспитување и култура во земјава.

Смоки, соленки, чипсови, пуканки, зелка… може да бидат кобни за животните. Дали посетителите, со текот на времето, успеавте да ги едуцирате колку е штетно хранењето на животните на своја рака?

Тина: Секоја храна дадена плус од посетителите, а надвор од нивната табличка за хранење може да биде кобна. Некои посетители се бунтуваат и велат: „Но, јас дадов само морковче!“. Но, ако 100 луѓе во денот на таков начин му дадат морков на животното, тоа е кобно. Затоа, се обидуваме на различни начини да ги едуцираме, а пред сѐ, најмногу нѐ разбираат децата, додека со родителите оди малку потешко. Во соработка со СВР Скопје, оддел за превенција и со средношколците од Скопје го подготвуваме пилот-проектот Animal Police кој ќе започне од скопската Зоолошка. Секој викенд заеднички ќе ги едуцираме и опоменуваме посетителите, а ќе „падне“ и некоја казна доколку нема разбирање. За жал, казната како метод се покажа најуспешна и во деновите кога имавме инспектори од Инспекторат на Град Скопје кои казнуваа на терен, беше најмирно во Скопје ЗОО.

Дали продолжувате со вдомување на животните што совесни граѓани ги носат во градината и дали спасувате и згрижувате животни од несовесни граѓани?

Тина: Се обидуваме да помогнеме на што повеќе животни. Некогаш едноставно немаме капацитет да ги примиме сите за кои се бара помош, но никогаш не ги оставаме на цедило, така што помагаме барем со совети. Во секоја развиена земја постојат Спасувачки центри за диви животни, но кај нас, тоа за мене сѐ уште е најголем сон кој се надевам ќе се оствари во блиска иднина. Веќе се работи на овој проект и ЗОО Скопје е дел од тоа. Дај Боже да можеме да помогнеме на сите животинки кои имаат потреба да бидат згрижени, лекувани или одземени од нехумани услови.

Подемот на Скопје ЗОО е неспорен, атрактивноста на оваа оаза на животните сѐ повеќе ги носи граѓаните (не само децата) кај вас. Од духот кој владее на овој простор, очигледно е дека за тимот на ЗОО животните не се запоставени експонати зад решетки туку се дел од вас со кои ги делите емоциите?

Тина: Ние сме врзани за овие животни, како за свои деца. За нив се грижиме 24/7, заеднички делуваме кога некое животно е болно, си помагаме едни на други во грижата за нив. Гледаме да им обезбедиме најдобри услови и реновираме живеалиште по живеалиште. Фотографиите од порано навистина болат, кога животните беа буквално во кафези, како затвореници во четири ѕида, без можност за прошетка. Сѐ уште има по некое старо живеалиште на кое му е потребен целосен ремонт и затоа обезбедуваме финансии од спонзори, па секој кој сака да помогне на Зоолошката е добредојден.

Кажете ни, откако менаџирате со институцијата, кои нови животни за првпат станаа жители на Зоолошката во Скопје?

Ѓорѓи: Откако станав директор на скопската Зоолошка, наша тимска цел беше да направиме Европска Зоолошка која ќе биде рамо до рамо со најпознатите во Европа. За помалку од три години успеавме да бидеме најдобри во регионот и ќе продолжиме така. По многу години повторно донесовме слонови и шимпанза во современи живеалишта, за првпат Скопје доби пингвини и фламинга. Се направи и Бејби ЗОО каде што за првпат има алпаки, африкански желки, виетнамски прасиња и верверички. За првпат донесовме бели волци и бели лавови кои се навистина ретки. Пристигнаа и двогрби камили, зебри, белоносести коати, ждралови, ему птици, чинчили. Поради пандемијата малку се задоцни со пристигнувањето на џуџести крокодили, сервали и скарлет ибис птици, но се надевам дека и тие ќе пристигнат наскоро. Секако да не го заборавиме и Дино Паркот кој ќе биде најголема атракција во регионот, а ќе се отвори кон крајот на април.

Може ли да ни опишете еден работен ден на негувателите на животни, воопшто, како тече еден ден на вработените во Скопје ЗОО?

Тина: Во Скопје ЗОО ниту еден ден не е ист. Секогаш имаме различни авантури со животните, но и со посетителите. Работниот ден тука трае 24 часа, ноќе чуварите прават обиколка низ градината, а наутро ЗОО негувателите прво прават проверка дали сите животни се добри. Потоа, во текот на денот, освен чистење и хранење, се прават тренинзи на животните, се дружиме со нив и најважното им ги збогатуваме живеалиштата со нови реквизити. Како и луѓето, и тие имаат потреба од занимација и постојано сакаат промени во просторот каде што живеат. Да се работи во Скопје ЗОО е вистинска привилегија, бидејќи имаме можност да бидеме опкружени со над 500 животни од над 90 видови секојдневно. Но, некогаш е и премногу тажно кога ќе почине некое од животните. Тогаш сите плачеме и буквално душа нѐ боли со денови и месеци.

Отворањето на новата атракција, Дино Паркот во Зоолошката градина повторно е одложено, дали во април конечно ќе може граѓаните да уживаат и да се воодушевуваат на новата атракција? Што ќе има во него и според кои протоколи ќе успеете да не им го засените уживањето на посетителите во време на ризик од зараза со ковид-19?

Ѓорѓи: Дино Парковите низ светот секогаш се едни од најомилените места за посета на туристите, а секако нашиот ќе придонесе за зголемување на туристичката понуда на Скопје. Паркот сѐ уште не е отворен, а веќе секојдневно добиваме стотици пораки и прашања од луѓе кои сакаат да го посетат. Особено едвај го чекаат децата. Поради студеното време во март, отворањето го одложивме за крајот на април, за да има време просторот да биде целосно раззеленет и посетителите да може вистински да го почувствуваат Дино Паркот со сета магија што ја нуди. Има 41 диносаурус во природна големина, кои испуштаат звуци и се движат и навистина наликуваат на оние од филмот „Џурасик парк“. Влезот ќе биде 50 денари, што е најевтина цена во споредба со другите вакви тематски паркови каде што билет е од 5 евра, па нагоре. Просторот е отворен, што значи со држење дистанца и носење маска ќе се испочитуваат ковид-протоколите и ќе биде безбедно за сите.

Наидувате ли на необични барања од граѓаните од типот „имам змија дома, спасете нѐ“, „позајмете ни едно ламурче за да биде главна ѕвезда на роденденската забава на син ми“?

Тина: Да знаете само какви барања имаме ќе се фатите за глава. Ни пишуваат и ни бараат лемури, сакаат да купат мајмуни и фламинга, да изнајмат тигар за во спот, да вдомат некое диво животно, да добијат кожи од зебри и крокодили за да правеле кондури и разноразни други желби кои најчесто се за рубриката „Верувале или не!“. Често нѐ бараат да им фатиме змии или куни во домот, па уште велат дојдете убијте ги, а кога им кажуваме дека и тие како живи суштества имаат подеднакво право да живеат како нив и ги пуштаме на слобода во планина, се чудат. За среќа, секогаш сме културни и на ваквите желби имаме и време и нерви да одговориме со едукација и убав разговор.

Повеќе од Интервју

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.