
Низ објективот
Радосни вести од ЗОО Скопје: Пингвините Лила и Џонатан добија бебе (ВИДЕО)
Убави вести доаѓаат од Зоолошката градина во Скопје. По 42 дена трпеливо чекање, во пингвинското семејство пристигна ново младенче од загрозениот вид Хамболт пингвин. Малечкото се изведе успешно, а грижливите родители повторно се добро познатите пингвини Лила и Џонатан, миленици на посетителите во градината.
Според негувателите, таткото Џонатан овојпат ја имал главната улога – внимателно го инкубирал јајцето и го чувал гнездото, додека мајката Лила повеќе време поминувала во водата. Токму ваквата поделба на улоги е сосема природна за овој вид пингвини и е важна за успешно изведување на младенчињата.
Радосната вест брзо ги воодушеви љубителите на животните, а малото пингвинче веќе станува новата атракција во скопската зоолошка градина.


