МК Сцена
Концерти на Ал Ди Меола и Д Продиџи викендов во рамки на фестивалот „Охрид колинг“
Првото издание на музичкиот фестивал „Охрид колинг“ својата кулминација ќе ја има престојниот викенд, со концертите на светски познатиот гитарски виртуоз Ал Ди Меола в сабота на 13 август на Античкиот театар и на мегапопуларните Д Продиџи в недела на 14 август на стадионот на СРЦ „Билјанини извори“.
Ѓоко Апостолов од Секторот за локален економски развој при Општина Охрид на денешната прес-конференција изрази жалење за трагично настраданите во невремето што го зафати скопскиот регион, но нагласи дека Охрид како туристичка дестинација мора да продолжи со реализација на зацртаните активности и содржини организирани да привлечат што поголем број гости.
– Првиот концерт во рамки на „Охрид колинг“ одржан на 1 август со Ники Ромеро и Лост Фриквенсис покажа дека Охрид има капацитет да организира ваков фестивал за кој очекуваме од година во година да прерасне во бренд од регионални, па и далеку пошироки рамки, рече Апостолов, најавувајќи уште поголеми атракции за наредните фестивалски изданија.




