МК Сцена
Македонска премиера на „Ругање со Христос“, награда од „Киненова“ за Аница Добра
Во исполнетата сала на кино „Милениум“ вчеравечер се прикажа македонската премиера на дебитантскиот игран филм „Ругање со Христос“ по сценарио и режија на Јани Бојаџи, со кој е отворен 3. Меѓународен фестивал на дебитантски филм „Киненова“.
Филмот освои награда на фестивалот во Монтреал, каде што беше светската премиера, а во Македонија до вечерва не е прикажан и беше достапен само трејлерот. Предизвика внимание во јавноста по оценката од Министерството за култура дека е „скандалозен и контроверзен, дека тенденциозно игра со историјата и му наштетува на соживотот“.
Пред проекцијата режисерот Бојаџи пред публиката во „Милениум“ рече дека неговиот филм не се занимава со вистината, туку со приказна. Кажа дека во изминатите два месеца добивал прашања дали е филмот снимен според вистина и одговори дека со прашањето дали филмот треба да се занимава со вистина расчистил пред дваесетина години кога негов професор на Академијата за театар и филм во Софија му рекол: „Кога ќе дојдеш на крстопатот меѓу вистината и приказната, тргнуваш по приказната. Таму можеби ќе најдеш некаква вистина“.




