МК Сцена
ТАКСИРАТ ПОТВРДУВА: Mando Diao прв пат во Скопје!
Еден од најпосакуваните бендови на современата сцена, шведската инди-рок група MANDO DIAO (Мандо Диао) конечно ќе гостува со концерт кај нас, а својот премиерен настап пред македонската публика бендот го потврди за оваа зима и тоа на јубилејниот 20-ти ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ во Скопје!
Славниот бенд со беспрекорен звук и фантастична концертна енергија, ќе настапи како еден од хедлајнерите на главната фестивалска вечер на ТАКСИРАТ, на 8-ми декември, во ВИП Арената „Борис Трајковски“!
Mando Diao започнаа да творат во 1999-та година, и за 19 години постоење снимија 8 студиски албуми. Уште со првото нивно издание „Bring ‘Em In“ во 2002-ра година ја освоија сцената во земјата од која потекнуваат а чија музичка репутација е неспоредлива, но секој следен албум значително им ја зголемуваше популарноста и на интернационалната сцена. Нивниот стил оформен со гаражен рок/поп/инди звук и извонредната енергија на настапите во живо беа многу бргу препознаени, па набргу светската критика и фановите ширум светот се согласија дека Mando Diao е еден од најдобрите бендови на современата рок сцена.





