МК Сцена
Дадо Топиќ – добитник на наградата на „Охрид фест“ за ширење музика на Балканот
Легендарниот Дадо Топиќ („Македонија“, „Дали знаш да те волим“, „Елизабет“, „За који живот да се родим“…) на јубилејното издание на „Охрид фест“, во Интернационалната вечер на 2 септември, ќе ја добие наградата за ширење музика на Балканот. Инаку, ова е интересна година – „Охрид фест“ ќе го има 30-тото издание, песната „Македонија“ одбележува 50 години постоење, а Дадо на 4 септември полни 74 години, и сите овие убави поводи ќе ги прослави токму кај нас, во Македонија.
– Со голема радост доаѓам во Македонија, во Охрид, вели Дадо. – Не можете ниту да сфатите колку луѓето ја сакаат Македонија и колку знаат за неа, за македонската убавина, естетиката, хармонијата на ритамот и јазикот. Македонија има свој идентитет во музиката. Одамна не сум бил кај вас, ми значи поддршката од топлиот југ, се радувам на средбата со публиката. Патем, Копров ми кажа дека има песна за мене, значи можна е и соработка, а „Охрид фест“ е фестивал на кој му посакувам уште толку години.
Во Интернационалната вечер ќе ја изведете легендарната „Македонија“ песна која со ист интензитет трае веќе 5 децении.




