„Фамилијата Марковски“ се враќа на малите екрани од оваа сабота
Долгоочекуваната втора сезона од популарната македонска серија „Фамилијата Марковски“ ќе почне со премиерно прикажување оваа сабота (09.11.2019) во 19.20 часот на телевизијата „Канал 5“. Серијата минатата сезона ги освои симпатиите на публиката прикажувајќи го секојдневието на членовите на фамилијата Марковски и предизвиците што ги носи живеењето во едно дисфункционално општество.
Серијата е во продукција на „Арт проект лаб“, а е поддржана од European Endowment for Democracy (EED) и National Endowment for Democracy (NED).
Лиле (Силвија Стојановска), Иван (Александар Миќиќ), Јана (Тамара Ристоска), Виктор (Владимир Петровиќ) и Бојан (Петар Петковски) од оваа сабота ќе продолжат преку своите лични приказни да ни го илустрираат македонското секојдневие допирајќи многу теми кои често завршуваат на маргините. Здравствениот хаос, партиските вработувања и непотизмот беа само дел од темите кои беа обработени во претходната сезона.




