Таксират тргнува да го прочисти Скопје
Годинава, по 21-ви пат во „градот убав“ тргнува ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ, a како дел од него ќе се одржи и новото издание на ПИН музичката конференција. Оваа единствена кај нас меѓународна музичка шоукејс конференција ќе се одржи по шести пат од 28-ми до 30-ти ноември, во Младински Културен Центар во Скопје.
Сиот капацитет и стекнатото меѓународно искуство на ТАКСИРАТ и ПАСВОРД ПРОДАКШН се насочени кон креирање на имиџот и издигнување на препознатливоста на ПИН музичката конференција, како главен едукатор и конектор на македонската музичка сцена со светските стандарди. ПИН и годинава ќе биде домаќин на стотина значајни делегати, говорници и имиња од европската музичка индустрија. Годинава своето присуство го потврдија Ник Хобс, сопственик на агенцијата „Charmenko“ кој соработувал со артисти, како: Radiohead, The National, Tom Waits. Доаѓа и Џеоф Мел од „Paradigm Agency“, кој ги застапува артистите Ed Sheeran, Coldplay, Halsey и многу други. Степан Казарјан, промотор и сопственик на музичката компанија „Connected Agency“ и куратор на првиот шоукејс фестивал во Русија „Moscow Music Week“, Иван Новак, основачот и лидер на групата Laibach, и Џорџ Лајтнер од букинг агенцијата „Georg Leitner Productions“, кој четири децении носи светски музички имиња во Европа, како Џејмс Браун, Ray Charles, The Temptation, Kool & The Gang. Ќе дојдат и претставници на сите значајни европски фестивали, како „Exit“, „Pohoda“, „Ment“…
За време на тридневната програма ќе се дискутира за актуелните теми од музичкиот бизнис и промените кои се случија во последните десет години, потоа за авторските права, како да се дојде до титулата „Европски град на културата“, но и за букингот, менаџментот, за политика и култура, експорт офис, дигитален маркетинг и можности за промоција – како еден мал но значаен дел од планираните панели кои ќе бидат поставени на веб-страната на ПИН.




