ВРЕМЕ Е ЗА ЏЕЗ: 9 дена до стартот на 38. Скопски џез фестивал
Скопскиот џез фестивал годинава, со исклучително силна програма и специјален фокус – ECM Records, ќе ја одбележи 50-годишнината од постоењето на култната германска издавачка куќа.
Фестивалот ќе го отворат две легендарни светски гитарски појави: еден од најживописните и најимагинативни композитори и иноватори на гитарата во последните 40 години – Дејвид Торн, како и триото на ултимативниот гитарски херој, неприкосновениот иноватор, композитор и импровизатор Фред Фрит.
Неодоливите мириси на Ориентот и Медитеранот ќе прострујат низ музиката на Ануар Браем – волшебникот на инструментот ут, автентичниот визионер и една од најголемите ѕвезди на дискографската куќа ECM, кој со својот квартет годинава прославува 10-годишнина од објавувањето на прославениот албум “The Astounding Eyes Of Rita”, како и низ звуците на грчкиот мајстор на лирата Сократис Синопулос кој ќе настапи со својот уникатен квартет во чии дела се испреплетуваат фолклорните форми, византиската и класичната музика, како и бројните облици на импровизација и џез.




