МК Сцена
На претстојниот ИФФК „Браќа Манаки“ 95 филма во 14 програми
Во 14 фестивалски програми ќе бидат прикажани речиси 95 филма на претстојниот 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, кој под слоганот „Симнуваме капа“ ќе се одржува од 22 до 29 септември.
Во главната програма за трите награди „Камера 300“ (златна, сребрена и бронзена) за најдобар кинематографер ќе се натпреваруваат 12 филма по избор на селекторот Благоја Куновски-Доре: „Транзит“ (Германија); „Студена војна“ (Полска); „Зимски муви“ (Чешка); „Лето“ (Русија); „Ага“ (Бугарија); „Горење“ (Јужна Кореја); „Фокстрот“ (Израел); „Нико“ (Италија); „Пепелта е најчисто бело“ (Кина); „Недвижен имот“ (Шведска), „Девојка“ (Белгија) и хитот во САД, „Црниот кју-клукс-клановец“ на Спајк Ли.
На прес-конференција на која беше сооптена фестивалската програма, Куновски рече дека сите селектирани филмови биле во компетитивните програми на трите најголеми фестивали Кан, Берлин и Венеција и еден од Карлови Вари. Одлуката за трите награди ќе ја донесе петчлено меѓународно жири кое, рече Куновски, ќе има тешка задача поради силната конкуренција.




