Промо
Над 60 филмови на 18. Скопски филмски фестивал
Над 60 филмови и придружни настани ќе понуди 18. Скопски филмски фестивал кој ќе се одржува од утре до 24 април во „Милениум“, „Фросина“ и во Кинотеката на Македонија. Фестивалот утревечер ќе го отвори премиерата на филмот „Медена ноќ“ во режија на Иво Трајков, копродукција на Македонија, Чешка и Словенија.
– Се потрудивме да донесеме филмови кои беа актуелни мината година во Европа и светот, да донесеме гости, да направиме повеќе работилници и мастер-класи, а голема чест ни е што фестивалот годинава ќе го отвориме со нов македонски филм – „Медена ноќ“ на Иво Трајков. Годинава нудиме повеќе од 60 филмови распоредени во десет програми – главна програма, програма на авторски филм, нововодената програма на хорор филмови и традиционалните програми на кратки играни и анимирани филмови, програма на светски филм и студентска програма, како и почесна програма посветена на нашиот главен и многу значаен гостин – иранскиот режисер Мохсен Макмалбаф, рече на прес-конференција Сунчица Уневска, селектор на филмовите во главмата програма.
Нагласи дека се горди од годинашната главна програма, во која ќе биде прикажан победникот во Берлин – филмот „Такси“ на иранскиот режисер Џафар Панахи, кој се уште одбележува 20-годишна затворска казна.




