Настани
Илјадници свеќи на сцената на Филхармонија – ќе се одржи првиот „Candlelight“ концерт под свеќи!
Овој петок илјадници свеќи ќе ја осветлат сцената на Македонската филхармонија на премиерното издание на првиот „Candlelight“ – концерт под свеќи на камерниот оркестар Профундис, кој ќе се одржи на 12 април со почеток во 20 часот.
Концептот на „Candlelight“ – концерт под свеќи е светски познат тренд кој за првпат ќе биде поставен на сцена пред македонската публика. Музичките критичари го опишуваат како уникатно искуство каде традиционалниот концертен амбиент се трансформира во хипнотизирачка музичка симбиоза облеана во топлиот сјај на свеќите. Интимниот амбиент овозможува подлабока врска помеѓу публиката и изведувачите, создавајќи извонредно концертно искуство.
На концертот како солист ќе настапи светски познатиот виолинист Марио Хосен, чија виртуозност и волшебно сценско присуство му носат признание на престижните сцени ширум светот. Хосен и „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, ќе ѝ претстават на публиката музичко патување низ делата на реномираните композитори како Вивалди, Паганини, Холст и Глас.




