Настани
„Имате ли ритам?“ – Македонската филхармонија со концерт за најмладите
Оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи два специјални концерти за деца со наслов „Имате ли ритам?“, во четврток и петок, со почеток во 12 часот. Концертите ќе се одржат преку организирани посети од училиштата, а диригент ќе биде маестро Виктор Митревски, додека аниматорската улога повторно ќе ја преземе миленикот на младата публика, актерот Мартин Јорданоски.
Музика од класиката до модерната ера
Посетителите ќе уживаат во изведби на композиции кои ја слават разновидноста на ритамот, вклучувајќи дела од Смокварски, Калифе, Андерсон, Бернштајн, Штраус и Де Фаља. Концертот ќе ги пренесе звуците и ритмите од Македонија, Либан, Куба и Шпанија, а Јорданоски ќе ги воведе децата во тајните на ритамот низ игра и хумор.
Посебно внимание ќе биде посветено на перкусионистите од оркестарот, кои ќе приредат изненадување за публиката. На сцената ќе настапат и неколку талентирани деца, што дополнително ќе ја збогати програмата.




