Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Концерт на Симон Трпчески на 13-ти јануари во Монте Карло

Настани

Концерт на Симон Трпчески на 13-ти јануари во Монте Карло

Македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески концертната сезона ја продолжува на 13 јануари (православната Стара Нова година, н заб.) кога во салата „Рение Трети“ во Монте Карло заедно со своите пријатели ќе го изведе МАКЕДОНИСИМО.     

Трпчески, Краповски, Сомов, Мамудов и Нушев продолжуваат со претставувањето на проектот базиран врз традиционалната македонска музика, чии транскрипции, по идеја на Трпчески, ги потпишува нашиот истакнат композитор Панде Шахов. Со овој настап македонскиот пијанист го продолжува своето гостување како резиденцијален артист на Филхармонискиот оркестар на Монте Карло, во чии рамки е предвидено да одржи 4 концерти во тековната сезона 2023/24 година. Првиот беше заедничката изведба на Вториот концерт за пијано и оркестар од Рахманинов во минатиот октомври, а по саботното гостување, како што информира „КултурОп“, остануваат уште две концертни вечери со различна програма до крајот на пролетта.

По највисоките оценки од „Тајмс“ и „Грамофон“, 5 ѕвездички за изведбата и одлична рецензија на новиот двоен албум снимен за британската етикета „Лин Рекордс“ на кој Симон Трпчески е повторно обединет со романскиот диригент Кристијан Мачелару и Симфонискиот оркестар на WDR од Келн, Германија, во изведбата на двата концерта за пијано и оркестар од Јоханес Брамс, во своето издание за јануари 2024 година, објави и престижниот БИ-БИ-СИ МУЗИЧКИ МАГАЗИН.

Критичарката Џесика Духен, во текстот со поднаслов „Изведбата на овие концерти на пијанистот Симон Трпчески и неговите придружници е навистина незаменлива“ објаснува  „Можеби мислите дека не Ви треба уште едно снимање на концертите за пијано на Брамс. Па, ова Ви треба. Тоа е прекрасна изложба, не само за изведувачите, туку и за музиката: има толку пријатна, експанзивна топлина и чувство на уживање. Настрана се’ друго, звучи како изведувачите да се забавуваат како никогаш досега.

Свирењето на Симон Трпчески отсекогаш имало примеси на брилијантност, која има големи шанси да блесне, но тоа никогаш не и’ наштетува на потребната величественост на звукот. Гранитните октави често се менуваат со заоблено легато; а неговото чувство за рубато е извонредно, со суптилно воздржување во клучните моменти, како во втората тема од првиот став на Д-мол. Има прекрасно чувство за рамнотежа и линија, изразени со природни плима и осека додека ја истакнуваат мелодијата. Изгледа дека тој и Мачелару разменуваат идеи еден со друг додека карактерот на темите се појавува и растекува.

Таа живописна карактеризација е длабоко наградувачка: дополнително вкопана експанзивност на големите, разновидни гудачки мелодии, на пример, но исто така и магично придушена атмосфера на размената на соништа помеѓу пијано и кларинети близу крајот на бавниот став. Клучните играчи максимално ги користат моментите во центар на вниманието, вклучително и елоквентниот солист на виолончело во истиот став; а уште понеобично е што оркестарското фугато во финалето на Д-мол е задоволство само по себе, бидејќи е толку јасно избалансирано и елегантно изразено, како да е заврзано со свилена лента. Снимениот звук е длабок и топол колку што можете да посакате за Брамс.“ – пишува рецензентката на „Би-Би-Си Музичкиот магазин“.

Деновиве, албумот на Трпчески, Мачелару и Симфонискиот оркестар на Западногерманското радио се најде и на листата кандидати за Германските дискографски награди на критиката во категоријата за најдобра  концертна изведба. Оваа ценета награда се доделува во 32 специјализирани категории – од инструментални и вокални изведби, камерна музика, хорски изведби, преку опера, филмска музика, до светска музика и џез. Како што наведуваат организаторите, критериуми за оценување се уметничкиот квалитет, репертоарската вредност, презентацијата и квалитетот на звукот.

Во традиционалниот новогодишен избор за културни настани што ја одбележале минатата година на полето на културата во Србија, белградскиот дневен весник „Политика“ го вброи и декемврискиот концерт на македонскиот пијанист Симон Трпчески со Симфонискиот оркестар на Радио Телевизија Србија и диригентот Бојан Суѓиќ. Во изборот на Снежана Николајевиќ, меѓу другите, се и настапите на виолинистите Најџел Кенеди и Немања Радуловиќ, на пијанистот Борис Березовски, како и концертната сезона на Белградската филхармонија.

На страниците на дневниот весник „Данас“, уредничката во музичката редакција на Радио Белград 2, Ана Ќирица, пишува дека и покрај настапите на светските ѕвезди како Најџел Кенеди, Пачо Флорес, Ана Нетребко или Ксенија Сидорова, посебен впечаток и’ оставиле гостувањата на, како што вели, „истакнатиот македонски пијанист со широк спектар интереси, Симон Трпчески“ во три српски градови и зборува за претставувањето на проектот МАКЕДОНИСИМО на фестивалите СОМУС во Сомбор и НОМУС во Нови Сад и за големото финале со концертот во салата „Коларац“ во Белград со Симфонискиот оркестар на РТС, на кој, како што вели Ќирица, „овој пијанист со светско реноме… повторно, на многу нивоа, посведочи за тоа што е автентична, музикална и интелигентна интерпретација, но и како на сцена, во неопходна симбиоза со другите изведувачи, се создава, гради, обликува и подарува – музика“.

Повеќе од Настани

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.