Настани
Нови македонски филмови, интернационален форум и програма за маргинализирани лица на 4. издание на „Златна рамка“
Со проширена програма, бесплатни проекции, меѓународни гости и работилници од 9-12 јуни ќе се одржи “Златна рамка” во организација на ДФРМ.
Четвртото издание на „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) ќе се одржи од 9 до 12 јуни во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар. Филмската ревија „Златна рамка“ веќе четири години претставува можност за публиката бесплатно да ги погледне сите македонски филмски остварувања што биле реализирани во текот на изминатата година, а биле поддржани од Агенцијата за филм.
Љубителите на филмот ќе имаат можност да ги погледнат долгометражните остварувања „Сестри“ во режија на Дина Дума, „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи и „Сокриениот“ во режија на Арсим Фазлија, документарниот филм „Брод полн со бисери“ режиран од Александар Зиков и краткометражните филмови „Северен пол“ во режија на Марија Апчевска, „Баскет“ на Димитар Банов, „Касапот“ режиран од Илчо Царовски и „Проблемот на Тина“ во режија на Радован Петровиќ.




