Настани
Омаж на маестро Џамбазов со оркестарот на Филхармонија
Овој четврток, во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Омаж на маестро Александар Џамбазов“ во рамки на 45. издание на фестивалот „Денови на македонска музика“, посветен на големиот македонски композитор. Концертот е хуманитарен, а парите од билетите ќе бидат донирани на Асоцијацијата за детски дијабет на Македонија „Баланс-Мк“.
На концертниот омаж публиката ќе може да проследи дела од неговиот симфониски опус – „Седумте танцови варијации“ со Елена Атанасовска-Ивановска како солист на пијано и „Рапсодија за Скопје“ со Иво Настевски како солист на пијано, потоа дела од опусот на маестро Џамбазов напишани за ревиски оркестар – „Реминисценија“, „Балада за Шпато“ и др., како и избор од многубројните песни за вокал и ревиски оркестар, меѓу кои се неповторливите „Довидување“, „Само ти“ и др., во изведба на Тамара Тодевска, Никола Перевски-Пере, Александар Тарабунов и Антониа Гиговска, под диригентската палка на Џијан Емин.
Со овој концерт оркестарот на Филхармонија, СОКОМ и пејачите кои ќе настапат на сцена ќе му оддадат признание и почит на македонскиот композитор и диригент – Александар Џамбазов, кој зад себе остави непроценлив музички опус.




