Роденденски концерт на Филхармонија
Овој четврток, во 20 часот оркестарот на Филхармонија ќе прослави 77 години од формирањето. На концертот насловен „Убава Русија“ како солистка ќе настапи брилијантната руска виолинистка Марија Солозобова, а диригент е Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се Концертот за виолина и оркестар број 1 од П.И.Чajковски и Брамсовата Прва Симфонија. Овој концерт на Филхармонија е во рамките на фестивалот „Есенски музички свечености“.
Концертот за виолина и оркестар бр. 1, Петар Илич Чајковски го напишал во 1878 година, инспириран од пејзажите и природните убавини на Женевското Езеро, за време на престојотво Швајцарија. Кога го напишал концертот, виолинистите сметале дека е невозможно да се отсвири, но во 1881 година, Адолф Бродски сепак се одлучил да го изведе. Премиерата на делото била во Виена, публиката ја поздравила првата изведба со бурни аплаузи, но критиката не била толку наклонета кон ова дело.
Познатиот диригент, композитор и пијанист Ханс фон Булов (1830 – 1894) ја нарекол Првата симфонија на Брамс – Бетовеновата десетта. Тој само го надополнил ставот на Роберт Шуман, кој дваесет и пет години порано, Брамс го нарекол „најголем продолжувач на музичката традиција на Бетовен“. Сѐ што напишал пред Првата симфонија, практично било своевидна „подготовка“ во која ги развивал своите оркестарски вештини (Концертот за пијано и оркестар оп.15, двете Серенади, Варијации на тема од Хајдн…) Создавајќи ги сите овие дела, Брамс, всушност пред себе имал само една цел – да напише совршена симфонија што ќе го оправда епитетот кој несебично му го дале и Фон Булов и Шуман. Со пишувањето на Првата симфонија, Брамс го надминал „оркестарскиот блок“, кој траел речиси 11 години, и по неа комплетно се отворил кон поголемите форми.




