Роденденски концерт со кинеската пијанистка Зи Зи
По повод 75 годишнината од формирањето, Филхармонија в четврток ќе одржи симфониски концерт симболично насловен „Среќен роденден“ на кој како солист ќе настапи исклучителната кинеска пијанистка Зи Зи. Со оркестарот ќе диригира Борјан Цанев, а на програмата се Концертот за пијано и оркестар од Јоханес, „Фантазија корале“ од Томислав Зографски и варијациите „Среќен роденден“ од младиот македонски композитор Филип Иванов.
Имагинативна и возбудлива, кинеската пијанистка Зи Зи е една од најуникатните појави меѓу новата генерација пијанисти. Критичарите ја опишуваат како „полна со ентузијазам, гламур, младешка енергија“, а за нејзините изведувачки капацитети велат дека „може да ги пренесе слушателите во друга реалност“. Критичарите не ги штедат зборовите и за нејзината креативна зрелост, пишуваат дека таа во своите изведби е „моќна, страстна, полна со чист артизам“.
Зи Зи почнува на учи пијано на пет години во Германија. По враќањето во Кина, таа станува една од најзначајните млади пијанистки и настапува во водечките кинески оркестри. Своето музичко образование го комплетира на „Џулијард“ во Њујорк. Добитичка е на бројни награди, меѓу кои и на главната награда на натпреварот „Кралица Елизабета“ во 2013 година.




