МК Сцена
Почнува Д фестивалот во Дојран
Најмалку десет пати поголема посетеност се очекува на годинашниот Д фестивал што почнува вечер во Дојран. Капацитетите за сместување, велат организаторите, се целосно пополнети, а интересот е огромен не само кај домашните, туку и кај странските гости.
Кирил Џајковски, Фолтин, Љубојна, Електрични оргазам и култниот Ману Чао се само некои од музичките артисти што ќе настапат на Д викендов. Фестивалскиот камп почнува попладнево, а главната сцена ќе биде отворена од 19 часот.
– Очекуваме рекордна посета. Камперите веќе го наполнија паркот на влезот во Стар Дојран – официјалниот фестивалски камп, а според проценките, посетата од странски туристи ќе биде најмалку десет пати поголема во споредба со минатата година. Најголемиот број доаѓаат од соседните земји, но на наше изненадување и задоволство, најавени се многу добредојдени посетители и од Западна и Централна Европа, изјави Владимир Лазароски од „Пасворд продукција“.




