Промо
Промовирана првата музичка фолк сликовница за деца „Слушам кај шумат шумите“
ФОЛКОНИКА – Центар за зачувување и развој на македонската фолк музика, фолклорното творештво, едукација и иновации за деца,ја промовираше првата музичка фолк сликовница за деца „СЛУШАМ КАЈ ШУМАТ ШУМИТЕ“. Првата фолк сликовница е реализирана од проектот МУЗИЧКИ ФОЛК СЛИКОВНИЦИ ЗА ДЕЦА, што го спроведува ФОЛКОНИКА.
На онлајн промоција, за проектот и сликовницата зборуваа, Душко Георгиевски, претседател на ФОЛКОНИКА и истакнат естраден уметник и Бајса Арифовска, музички педагог, музички соработник, инструменталист. Сликовницата е уникатна со својот концепт, зошто за прв пат се прави ваква илустрација на македонска народна песна, каква што е „СЛУШАМ КАЈ ШУМАТ ШУМИТЕ“, која е избор за првиот наслов на фолк сликовницата, направен според анализата на музичкиот соработник, исполнувајќи ги целите, да биде прифатлива и со текст и тема за децата. Целта е да се даде придонес кон зачувување на македонското фолклорно творештво и тоа да им се понуди на децата во една форма, која ќе биде прифатлива за нив. Сликовницата на своите страници го содржи текстот на песната и нотни записи за истата, распоредени според строфите на страниците. За поголемо естетско доживување на песната и содржината, младата академска сликарка Маја Димитрова направи уникатни илустрации, автентични на текстот од строфите, со кои се заокружува целата приказна на песната, за да допре до децата од најмалата возраст.Ликовното и графичко уредување го направи Елена Димитрова.
„Првата фолк сликовница за деца, произлезе од долгогодишната работа на фолк естрадата и народната музика, воопшто. Соочени со состојбите, како естраден уметник, имав морална одговорност пред нашето национално музичко богатство, да дадам уште еден придонес во неговото зачувување и негување, но во еден друг сегмент, сметајќи дека треба да се тргне и да се работи најмногу со најмалите, за да им се пренесе македонската народна песна и да им се понуди форма со која тие ќе ја запаметат, ќе сакаат да ја читаат, слушаат. На таков начин ќе придонесеме младите да го ценат и да продолжат да го негуваат нашето народно музичко богатство. Ова е првата, од серијата фолк сликовници, кои ќе следуваат со избор на нови македонски народни песни, илистрирани во сликовници“, вели Георгиевски.




