„Своја“ – прв роман на Ирена Чаушевска напишан според вистинска приказна
Ирена Чаушевска е позната во јавноста како жена претприемач која над 10 години води сопствен бизнис, со-основач и директор е на ЊуМенс Бизнис Акцелераторот, а веќе 8 години го организира и натпреварот за технолошки иновации NASA Space Apps Challenge.
Со издавањето на книгата „СВОЈА: За најважните работи во животот за кои никој не нѐ подготвува“, Ирена од минатата недела се вброи и меѓу македонските писатели. За ова кусо време СВОЈА допре до над стотина читатели, а според досегашните впечатоци станува збор за уникатно четиво кое треба да биде водилка за секоја девојка и жена на патот на остварување на личниот и професионален успех и среќа, и надминувањето и на најтешките животни предизвици и премрежја.
Книгата опфаќа неколку различни, но тесно поврзани сегменти и животни предизвици низ кои неминовно поминува секоја девојка и жена во својот развој, а за кои нема никаков формален или неформален прирачник и покрај нивното огромно влијание врз квалитетот на живот. Таков е изборот на блиските пријателства, на средно и високо образование, на првото вљубување, огромната улога на изборот на животен партнер врз среќата и менталното здравје, станувањето мајка, изборот на кариера како одредник на животниот стил и можностите за заработка, но и справувањето со неуспесите и загубите кои ги задава животот. СВОЈА ја покажува и можноста за целосна трансформација на жената и нов почеток доколку некои работи отишле во погрешна насока или едноставно не се повеќе тоа што го посакува.




