Промо
„Љубојна“ во возобновување на уште една божикна песна
Традиционално, и оваа година, како што наближува Божик, се интензивираат активностите на Здружението „Бадникови поворки“, чија што цел е, да го подготви нашиот народ за достоинствено празнување на Христовото Раѓање – Божик.
Една од најважните активности на Здружението, која се практикува веќе 4-та година по ред, е возобновување на православните божикни песни кои што некогаш се пееле на ова наше поднебје, а денес се згаснати и останале само во сеќавањето на повозрасните граѓани.
„Христос се роди денес“ е насловот на овогодишната каланда односно божикна песна која потекнува од некогашна Смирна. Станува збор за стара песна од нашата православна традиција, која нашите повозрасни граѓани ја пееле на ден Бадник во попладневните часови. Најпрво децата од рано наутро со песната „Вечниот Бог“ или „Дева денес“ оделе од куќа на куќа и го најавувале Христовото Раѓање, за попладне тоа да го направат возрасните, токму со оваа песна „Христос се роди денес“.



